Digital

НОВА МАКА ЗА ЗАКЕРБЕРГ: Казна од милијарди долари му се заканува на Фејсбук во САД

17 фев 2019

Казна што може да достигне повеќе милијарди долари му се заканува на Фејсбук за скандалот со „Кембриџ аналитика“. Според пишувањето на „Гардијан“ глобата може да биде изречена од американската федерална комисија што води контрола за пазарот во САД (Federal Trade Commission).

Причина за оваа казна, како што се вели во објавата, се направените пропусти во заштитата на приватноста на корисниците на социјалната мрежа.

Висината на казната сè уште не е одредена. Но според пишувањето на „Вашингтон пост“, голема е веројатноста казната да го „изеде“ профитот од 6.9 милијарди долари што компанијата го пријави во последниот квартал од минатата година.

Како што објавуваат американски медиуми, голема е веројатноста компанијата на Марк Закерберг да биде приморана да имплементира и дополнителни оперативни надградби за да се спречи каква било можност за злоупотреба на корисничките податоци.

Одлуката сè уште не е дефинитивна, а според медиумските објави, во тек се преговори меѓу Фејсбук и американските власти за намалување на казната или за изнаоѓање други решенија за надминување на проблемот.

Во сандалот со британската фирма за политички анализи „Кембриџ аналитика“, кој беше откриен во март минатата година, беа злоупотребени податоци на повеќе од 87 милиони корисници. За истиот случај во Велика Британија веќе е изречена казна за Фејсбук.

(AdToDate.mk/Извор: Guardian)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме