Local

AmCham конференција - Етичко и одговорно рекламирање

30 јун 2017

Вчера, во Александар Палас, се одржа конференцијата организирана од страна на АmCham на темата: Advertising Ethics - Global Trends & Regional Practice.

Настанот го отвори Мишел Османли, извршната директорка на Американската Стопанска Комора во Македонија, која даде увод во темата дека е потребно да се зборува за неетичкото рекламирање. Досега, Асоцијацијата на рекламирањето во Македонија, за 13 години има покренато само една тужба, со одлука против неетичко огласување, меѓутоа многу слабо или воопшто нема тужби.

Како што изјави Османли, во многу други земји, тужбите се најчесто кога компанијата рекламира или пренесува неточна информација, но во Македонија тоа не е пракса. Очигледно дека се работи за недоверба во судовите, но и генерално на институциите.

На настанот присуствуваа неколку говорници, експерти во областа на маркетинг и адвертајзинг, корпоративното работење и комуникации, и секој од нив го пренесе својот став во однос на темата. Дискусијата беше од неформален карактер, со прашања од публиката, во која имаше различни профили професии, од студенти до маркетери и луѓе од комуникацискиот сектор. 

Првиот говорник беше Сашо Пешев, основач на NewMoment , кој начна доста теми, меѓу која и онаа за немањето медиумска регулатива, со што доаѓа до секаков вид рекламирање низ јавниот простор. Ако зборуваме за етички кодекс во рекламирањето, мора да се каже дека во суштина, бивањето креативец за различни и можеби не така етични промоции на производи, (како што се цигари или алкохол) е игра со Ѓаволот.smiley Сакам да верувам дека работиме според етичките начела и вредности, но некогаш не може да се избегнат другите страни.

Тој ја спомена застарената регулатива, односно дека медиумскиот и адвертајзинг просторот не се доволно регулирани, дека не се почитуваат авторските права, и дека мора многу да се работи на тоа поле во Македонија.

На ова се надоврза и Ванда Кучера, адвертајзинг експерт од Србија, дел од I&F МcCann Grupa која кажа дека за да се биде свесен за адвертајзинот и етичкиот кодекс, потребно е агенциите да влезат во рингот за создавање и прекројување закони.

Според нејзиното искуство, во Србија има мало покритие со законски регулативи што се однесуваат на адвертајзингот. Најголемата борба која успеавме да ја добиеме, беше упорното барање од законските тела да нè вклучат во дискусиите кога се менуваа или правеа верзии на законите, со цел да се приближиме до нивниот начин на работа, а и ние да го презентираме нашиот. Комуникацијата е најважна во оваа соработка – така етиката на двете работни позиции станува важна.

Луѓето често не ја познаваат доволно адвертајзинг индустријата, или само ќе кажат – Тоа е маркетинг, батали! Но, всушност ние сме една сериозна индустрија со голема етичка одговорност, не само во однос на пренесувањето на информации и пораки, туку и во градењето идни корисници, гледачи и конзументи.

Дека создавањето одговорност е важно, потенцираше и енергичниот предавач на High School of Digital Marketing, Камило Антоловиќ, кој во своето предавање го пренесе сличното искуство од Хрватска. Тој преку мноштвото примери со реклами во кои има насилство, двосмислени пораки и порнографија, поентираше во насока дека понекогаш, адвертајзингот просто сака да се шегува. Меѓутоа, дека во многу наврати, тој хумор е протолкуван како навреда на етичкиот кодекс или пак дека во скриените реклами или украдените амбалажи, станува збор за „грабеж“ на креативната сопственост, за која мора да постои одговорност.

Одговорноста на брендовите, ја спомена и Стеван Ранѓелковиќ, менаџер на регулативните и јавни работи во European Association of Communications Agencies.

Во сегашноста, предизвиците покажуваат дека не секогаш се работи за тоа дека има премногу брендови. Има премногу реклами. И во тие реклами, постојат вечни стереотипи, кои навидум изгледаат хумористично, но во суштина продаваат неетички вредности. За да ги спречите ваквите ситуации, мора да се информирате, да создавате и поттикнувате интеракција за подобрување на условите во индустријата.

Сумирајќи ги овие различни аспекти од адвертајзингот, Радмила Димова од Македонски Телеком се задржа токму на транспарентноста во комуникацијата и избегнувањето неетичко или лажно презентирање на брендот, а Милош Радуловиќ од Алкалоид, споделувајќи ги искуствата од фармацевтската индустрија, поентираше со ставот дека Рекламите кои продаваат производи или лекарства кои лечат сè, ги заведуваат корисниците, се всушност најголем криминал. Продажбата на надеж, односно невалидни и суперлативни информации, е крајно неетичка.

Заклучокот е дека овој настан отвори важно прашање за глобалните трендови за адвертајзингот и етиката, но и регионалните пракси кои се приближуваат и учат едни од други. Мишел Османли во завршниот дел изјави дека не се работи само за она што е легално, туку и за уредувачките политики во внатрешноста на компаниите. Важна е пристојноста и разликите во нејзиното восприемање во различни култури, како и познавањето на стандардите и регулативите за успешно испорачани реклами во различни земји.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме