Local

Кратки приказни за животот

10 јул 2017

Да се биде креативен преку фотографијата како медиум, денес се чини е многу лесно. Дигиталниот смарт свет во кој живееме нуди неверојатни можности за манипулација со и преку фотографијата за стварноста која нè опкружува. „Убавите“ фотографии се толку многу инстант и сеприсутни, што тешко и да можеме да се „одбраниме”.

Кон суштинската убавина и вредност на фотографијата се вративме на отворањето на изложбата на фотографии од Драги Неделчевски под наслов „Кратки приказни“, која се одржа во петокот (7 јули) во НУ Уметничка Галерија во Тетово.

Серијата од четириесет црно-бели фотографии сместени помеѓу димензијата на улична и документарна фотографија ни понудија едно сосема поинакво искуство за погледот кон животот и стварноста што нè опкружува. Станува збор за моќни фотографии кои произлегуваат од луѓето и животот во негова најсуштинска форма. Моменти кои говорат за вистинските луѓе, за релациите со себе, за интеракциите помеѓу, за некои кратки епизоди од секојдневието на кои и воопшто не обрнуваме внимание. Овие фотографии не се обременети со наметлива убавина, не се „лесни“, не поставуваат прашања и не нудат одговори.

Она што дополнително ни остави можеби најсилен впечаток е што преку секоја фотографија Неделчевски остава простор за слободно, индивидуално, субјективно толкување, па така секој гледач може да доживее и креира сопствена приказна од секоја фотографија. Ваквото искуство претставува еден исклучително поинаков начин на комуникација помеѓу фотографот и гледачот и толкување на порака или донесување заклучок. Поставувајќи ваква перспектива, всушност зборуваме за моќен и софистициран начин на комуникација кој фотографијата го овозможува во својата суштина. Колку гледачи на една иста фотографија, толку различни приказни, толку различни пораки.

AdToDate: Секоја фотографија од „Кратки приказни“ понуди исклучително индивидуално доживување за публиката. Како вие како фотограф гледате на комуникацијата која се воспоставува помеѓу вашата фотографија и гледачот? 

Д.Н.: Прашањето за комуникација меѓу фотографот и гледачот е многу комплексно. За овој феномен има напишано многу теориски расправи. Аргументите на авторите на тие расправи се многу противречни. Тие се движат од тврдењето дека фотографијата е објективен одраз на стварноста, дека таа е „вистинска“ и пораката што ја испраќа е јасна, недвосмислена и универзална („Секоја фотографија зборува повеќе од 10.000 зборови“). Друг став е тоа дека таа е лажна, парцијална, манипулативна, дека е само исечок од стварноста и сè што е надвор од рамката, за нас е мистерија. Сметам дека и првите и вторите ставови се исклучиви. Фотографијата како медиум е комплексна сама по себе и остава простор за различно толкување и авторски израз.

Јас лично, преку фотографијата прво комуницирам со себеси (фотографот), а потоа и со другите (гледачот). Фотографиите од „Кратки приказни“ се универзални во смисла дека (со неколку исклучоци), гледајќи ги, не можете да го определите местото и времето каде се фотографирани. Така, тие зборуваат за универзални, вонвремени релации меѓу луѓето. Од друга страна, јас како автор, точно знам каде и кога се фотографирани и која е нивната заднина. Значи јас со секоја фотографија се обидов да раскажам една животна приказна, сублимирана во еден миг.

Да се постигне тоа, една слика, еден заробен миг да зборува за универзални нешта, не е лесно. Од друга страна, гледачите (во тоа се уверив слушајќи ги коментарите за фотографиите), имаат сосема друга претстава и свои приказни за овие фотографии. И сега, дали моите фотографии успешно комуницираат со публиката? „Кратки приказни“ не се њуз фотографии, и затоа не е важно дали гледачот го знае конкретниот контекст (кога и каде) се снимени фотографиите, но пораката што сакав да ја испратам, а тоа е да застанеме малку во нашата трка низ животот, да погледнеме малку од страна на моментите кои често ни се чинат неважни, а од кои всушност се состои животот (сето тоа прикажано со фотографски јасен јазик на моите фотографии), е онаа комуникација којашто сакав да ја постигнам со публиката. Се надевам дека успеав во тоа.

Во продолжение, ексклузивно на AdToDate, погледнете неколку фотографии од „Кратки приказни“...

Gallery: Кратки приказни





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме