Local

БИЗНИС КАФЕ: Јелена Арсовска од Меккен Скопје ќе ја раскаже својата професионална приказна

27 сеп 2017

Јелена Арсовска, првиот човек на Меккен Скопје, која се вбројува и меѓу пионерите на македонската маркетинг сцена, ќе учествува на 25. Бизнис кафе што ќе се одржи во четврток (28 септември) од 18 часот во барот „Дистрикт“ во хотелот „Мериот“ во Скопје.

Како и на досегашните изданија, на 25. Бизнис кафе гостите ќе имаат можност да слушнат совети и лични приказни од лица кои со својот труд успеале да развијат бизниси и да мотивираат широка категорија професионалци во нивната работа.

Освен Арсовска, на настанот за своите искуства ќе зборуваат и Зоран Мартиновски, раководител на МФК Корпорацијата на Светската банка за Македонија и за Црна Гора, како и Ранко Петровиќ, првиот човек на Радио Бубамара и креаторот на едно од најпопуларните музичко-сценски шоуа во земјава, „Златна Бубамара на популарноста“.

Во биографиите на тројцата говорници стојат успешни проекти и значајни искуства во полето на маркетингот и бизнисот.

Јелена Арсовска, Managing Director на Меккен Скопје

Арсовска, е еден од пионерите на македонската маркетинг индустрија. Кариерата ја започнала во агенцијата „Њу Момент“ во која поминала седум години.

Нејзиното работно портфолио понатаму се исполнува со „Пристоп Групацијата“ каде работи како одговорна за развој, а потоа и со „Идеа Плус Комуникејшнс“ каде ја извршуваше функцијата директор. Почнувајќи од 2015 година, Арсовска го предводи тимот на агенцијата „Меккен Скопје“ на позицијата Managing Director.

Мартиновски е раководител на МФК Корпорацијата на Светската банка за Македонија и Црна Гора и претседавач на Македонскиот економски самит, член на бордот на „Македонија 2025“.  Повеќе од 20 години гради разновидно бизнис искуство. Од 2000 година тој започнува да работи како менаџер во Меѓународната финансиска корпорација на Свеската банка за Македонија и Црна Гора.

Корпорацијата е одговорна за инвестиции и советодавни програми на инвестициите на приватниот сектор на ИФЦ во земјата. Претходните искуства на Мартиновски вклучуваат работење за неколку компании во Македонија, Европа и САД. Меѓу овие компании се „Philips Electronics“, „Lexmark International“, “CKRA“ (Central Kentucky Research Associates), „PEM Consulting“, „TLC Vienna“ и „Технометал-Вардар“.

Петровиќ ѝ е добро познат на македонската јавност како прв човек на популарното „Радио Бубамара“, како и режисер, сценарист и организатор на сатирично забавното шоу „Златна Буба Мара на популарноста“.

Дружењето на Бизнис Кафе Македонија трае два до три часа.  Првиот час е резервиран за гостите-говорници кои одговараат на прашања на модераторот и гостите, делејќи го своето работно и животно искуство.

Детали за настанот и за начинот на обезбедување влезници се достапни на интернет страницата на „Бизнис кафе Македонија“.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме