Local

ГО СПАСИ ОД КАЗНА ЗА ПАРКИНГ: Добар гест во Скопје бргу стана хит на социјалните мрежи

25 јан 2018

Како еден добар гест може да се изрекламира самиот себе и да стане хит на социјалните мрежи. Класичен пример за тоа е фотографијата што деновиве се споделува на „Фејсбук“ меѓу корисниците во земјава.

Скопјанец, или скопјанка, преку мобилен телефон платил паркинг за сограѓанин, чијшто автомобил бил поставен во паркинг зона во централното градско подрачје. Веројатно заборавил да пушти порака, или времето за паркинг му истекло, па постоела опасност автомобилот да му биде блокиран со т.н. канџа и да плати казна.

За да не се случи тоа, скопјанецот, или скопјанката, „пуштиле срце“, па му го платиле паркирањето. Но, за да му укажат дека бил спасен од непријатности, му оставиле пишан поздрав.

„Другар ти пратив порака, ќе ти ставеа канџа. Направи го ти ова за некој друг некогаш“, е напишано врз белиот лист поставен врз ветробранското стакло на паркираниот автомобил.

Тоа што остава посебен впечаток е што под пораката стои хаштагот „#TheGoodnessEffect“. Повеќе од јасно е дека целта на овој потег е бргу да стане вирален на социјалните мрежи преку хаштагот, а со тоа и да ги поттикне граѓаните да прават што повеќе добри гестови во нивното секојдневие.

Во исто време ситуацијата со паркираниот автомобил е пример и за моќта на правилно избраните хаштази. Доколку фразите имаат одредена порака и се куси, бргу ќе станат популарни кај публиката, коишто ќе сакаат да споделуваат што повеќе информации поврзани со таа тема.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме