Local

ТРАДИЦИЈА И ЗАШТИТА ОД СВЕТЛИНА: Зошто „скопско нефилтрирано“ е облечено во рачно замотана етикета

21 мај 2018

„Скопско нефилтрирано“ е новото пиво што „Пивара Скопје“ го промовира минатата недела. Тоа што на прв поглед го привлекува вниманието кај ова пиво е неговата етикета. Стакленото шише е целосно замотано со хартиена обвивка и како такво се продава и во домашните маркети.

Тоа е првпат кај нас да се појави домашен пивски бренд, што е целосно „облечен“ во сопствената етикета.

Пакувањето на пивото, како што ни објаснија од „Пивара Скопје“ се изведува рачно, а со цел дополнително да се долови неговиот природен изглед.

„'Скопско нефилтрирано' се пакува рачно, со вложување на човечки фактор со цел да изгледа што поприродно. Тоа е само уште еден показател за вистинската автентичност на пивото. Порано, кога не постоеле овие софистицирани машини за лепење на етикетите, луѓето ги пакувале на овој начин со хартија и рачно, со цел да ги заштитат од дневната светлина“, вели Кирчо Стојанов, пивски мајстор и менаџер за производство на пиво во „Пивара Скопје“.

Целосното покривање на шишето, пак, е со цел да се сочува квалитетот на пивото што се наоѓа во стаклената амбалажа.

„Ова пиво, доколку се изложи на директна светлина подолго време, а знаеме дека светлината на секој органски производ му пречи, може да дојде до проблем и поради хмељот кој го содржи, а и поради присуството на квасецот што може да се активира. Од таа гледна точка се заштитува со хартија, со цел да нема никаква пропустливост на светлината и пивото да остане што е можно подолго свежо и да се зачува уникатниот, природен вкус“, објаснува Стојанов.

Во однос на конкретниот дизајн, пак, од „Пивара Скопје“, велат дека идејата е да го долови вкусот на новото пиво.

„Дизајнот на нашите производи секогаш е во согласност со нивниот префинет вкус. Затоа, изминатиот период работевме на дизајн на етикета која во целост треба да го пренесе неодоливиот вкус на 'скопско нефилтрирано'“, истакнуваат од „Пивара Скопје“.

„Скопско нефилтрирано“ содржи 4,9% алкохол, а направено е според традиционалниот рецепт на „скопско“. Единствената разлика е во процесот на филтрација.

За да се долови специфичниот вкус на пијалакот, неопходно е шишето пред отворање да се преврти наопаку, да се протресе малку и потоа да се наточи во чаша. Упатството за консумирање е поставено и на самата етикета.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме