Local

ПОВИК ДО КРЕАТИВЦИТЕ: Отворен конкурс за дизајнирање сувенир на Скопје

26 јун 2018

Дизајн за сувенир што ќе биде унифициран белег на град Скопје треба да биде избран на конкурсот што го распиша Здружението на граѓани МАТА од Скопје, а со поддршка од Градот. Конкурсот е отворен до 1 јули, а право на учество имаат сите што сметаат дека можат да го предложат најдобриот и современ дизајн за туристички сувенир од Скопје.

Како што се објаснува во конкурсот, целта е да се создаде препознатлива, брендирана приказна за градот, што ќе биде унифицирана и, по теркот на светските метрополи, ќе се шири низ светот како белег за Скопје.

Kреирањето на сувенирите во современите туристички понуди, веќе не е само во рацете на стихијната креација на занаетчиите и ракотворците, туку сè повеќе е резултат на јасно дефинирани дизјнерски и маркетинг активности кои го создаваат имиџот, промовираат и презентираат градот, со цел на подолги патеки да се изгради и создаде бренд на Град Скопје“, се вели во содржината на конкурсот.

Како примери се наведуваат брендирањата „Големото јаболко“  за Њујорк, „Златната Прага“ за Прага, „Градот на седумте ридови“ за Рим.

Преку овој конкурс ќе се овозможи идентификација, промоција и вклучување на креативниот дизајнерски потенцијал со цел истиот да даде свој директен придонес во креирањето на модерни и во духот на времето сувенири“, е наведено во конкурсот.

Критериуми за оценување ќе бидат: Иновација и креативност, културолошка вредност, практичност и можност дизајнот да се произведе, продажен потенцијал на производот, еколошка издржаност на производот.

Заинтересираните треба да испратат пријава, текст со којшто детално се опишува идејата, инспирацијата, потребата и оправданоста на дизајнот, можност за изведба на дизајнот, материјали од кои се состои дизајнираниот производ, техники и технологии на производство, претпоставена цена на производот, предлог за можен производител, предлог на локации каде би се продавал…

Неопходно е во апликацијата да се приложи и техничка скица за дизајнот (компјутерски или рачно изработена/скенирана), како и скица за подобра визуелизација на предложениот дизајн (компјутерски или рачно изработена/скенирана како прилог кон пријавата).

Дизајните мора да се оригинални трудови на оние кои учествуваат на конкурсот.

За најдобро рангираниот учесник е предвидена и парична награда од 20.000 денари.

Повеќе детали за конкурсот можат да се погледнат на следниот линк.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме