Local

НЕ ГО ЗАГАДУВАМЕ СКОПЈЕ, НЕ НОСИМЕ ТУЃ ОТПАД: Депонијата „Дрисла“ со анимација се пофали како работи

09 јул 2018

Се грижиме за околината, не го загадуваме град Скопје, не увезуваме туѓ отпад, се вели во дел од новата анимација за депонијата „Дрисла“, објавено на нивниот канал на „Јутјуб“.

Во анимацијата главен лик е Мистер Дриско, којшто објаснува како работи депонијата, при што се истакнува дека таа не е причинител за загадувањето на градот Скопје, ситуација што особено се изразува преку зима со т.н. ПМ10 микро честички.

„Што знаете за 'Дрисла'? Дека кај нас се согорува отпадот од домаќинствата? Погрешно. Ние го примаме, идентификуваме и депонираме. Не го согоруваме отпадот“, се истакнува во анимацијата.

За мислењето во јавноста, пак, дека Дрисла е најголем загадувач на градот, се вели дека е лажна информација.

„Дали 'Дрисла' е најголем загадувач во градот Скопје? Ццц... Честа лажна информација. Депонијата се наоѓа на 17 километри од градот Скопје, а нашата мерна станица покажува дека загадувањето е помало од тоа во општините низ градот“, се вели во анимацијата.

Во кусото видео се нагласува и дека депонијата не увезува туѓ отпад.

„Ние се грижиме за нашиот град, ја чуваме природата, го одлагаме отпадот прописно и правилно. И, за разлика од тоа што некој мисли, не увезуваме туѓ отпад. Затоа вие направете го својот дел, селектирајте правилно отпад, а ние ќе го направиме нашиот“, се истакнува во видеото.

Има објаснување и за медицинскиот отпад, за којшто се вели дека е посебен и опасен.

Затоа што е опасен, тој треба да се согорува во посебна печка, којашто е опремена со специјален филтер за таа намена. Медицинскиот отпад е всушност единствениот што се согорува кај нас“, се вели во објаснувањето.

Во видеото се додава дека наскоро ќе бидат воведени и „нови процедури што ќе придонесат за дополнително намалување на емисијата на штетните гасови“.

Анимацијата трае околу три минути и засега е поставена само на „Јутјуб“ каналот на компанијата. Главниот анимиран лик, пак, Мистер Дриско, е речиси статичен, а акцентот е ставен на зборовите и на гласот, чија цел е да им укаже на гледачите дека „Дрисла“ не врши загадување на околината и на главниот град.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме