Local

ЗДРОБЕНО ВОЗИЛО ВО ПАРК, КРВ НА ПРОЗОРЦИТЕ: Кампања за безбедност во сообраќајот во Македонија

23 јул 2018

Возило со искршени стакла, смачкан лим, раскрварени врати сведочи за трагедија во која загинале двајца млади, Иван, 24-годишен, и Ана, 19-годишна. Возилото е поставено во градскиот парк во Скопје, со порака „Тргнаа на летување, а летнаа во провалија“.

Автомобилот е дел од кампањата што ја води Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, заедно со МВР и „Америт“. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај младите луѓе за безбедно и одговорно однесување во сообраќајот. Од тие причини возилото е поставено во Градскиот парк, каде фрекфенцијата на млади лица е значително поголема во текот на летните месеци.

„Примарна цел за автентично прикажување на последиците од неодговорно и несоодветно учество во сообраќајот со фатален крај е подигнување на свеста кај возачите за безбедно, одговорно и смирено учество во сообраќајот. Само кога вака ќе се вклучат во сообраќајот, патувањето до посакуваната дестинација ќе биде безбедно, а личниот и животот на другите патници ќе бидат заштитени“, се вели во објавата на Републичкиот завод за оваа кампања.

Здробеното возило, коешто сведочи за една трагедија, воедно е продолжување на кампањата за подигнување на свеста кај возачите, под мотото „Не летај, летувај!“.

„Искрено, сметаме дека вистинските приказни се тажни и болни, но за жал, понекогаш тие се единствениот начин да покажеме дека една минута невнимание може да значи изгубен живот“, истакнуваат од Републичкиот совет.

Возилото во Градскиот парк ќе остане до крајот на летото, а во рамките на кампањата ќе се организираат и повеќе советодавни собири и медиумски презентации, а со цел да се зголеми почитувањето на сообраќајните правила и прописи, како и да се заштитат животите на лицата учесници во сообраќајот.

Според статистиката на МВР, вкупно 155 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди во 2017 година. Во нив, голем број се млади лица на возраст од 15 до 40 години, односно таа бројка изнесува 66 загубени млади животи.

Минатата година, речиси секојдневно се случувале сообраќајни незгоди со фатални последици (4020), а најголемиот дел од нив (438) се случиле во месец јули. Статистиката говори дека и оваа година повеќе од 65 лица загинале на патиштата во Македонија.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме