Local

МНОГУ ФАЛБИ И МАЛКУ ДИСКУСИИ: Што прават македонските министри на социјалните мрежи

31 јул 2018

Министрите од актуелната македонска влада, или нивните тимови за односи со јавноста, добро ја сфатиле моќта на социјалните медиуми. Така, дваесет и три, од вкупно 26 министри имаат свои активни страници и профили на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Според втората Годишна анализа за активностите на владата на социјалните мрежи, направена во периодот од 23 до 28 јули годинава, било утврдено дека министрите сè повеќе се присутни со објави на некоја од платформите.

Најактивен, пак, како што може и да се очекува е премиерот Зоран Заев, на чија страница на „Фејсбук“ секој ден се појавуваат фотографии, видеа или статуси за актуелните општествено политички случувања во земјава.

Анализата покажала дека поголемиот број на членовите на владиниот кабинет и нивните тимови секојдневно објавуваат содржини за своите активности на Фејсбук и имаат отворени профили или страни на кои можат граѓаните да им пишат јавно или, пак, во приватна порака. Повеќе од половината од министрите имаат истовремено свој профил, но и страна на овој социјален медиум.

Зголемување е забележано кај Твитер кој годинава го користат 14 членови на Владата, а исто толку се присутни и на Инстаграм. Според анализата, лани Твитер користеле осум министри, додека вкупно 10 биле активни и на Инстаграм.

Премиерот Заев и 10 други министри се активни и имаат свои профили/страни истовремено на Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е за четири повеќе од минатата година.

Само двајца членови на Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Роберт Поповски, воопшто немаат свои профили/страни на овие социјални медиуми, наспроти лани кога шест министри не биле активни на ниту еден социјален медиум.

- Сите министри е важно да бидат присутни со свои страни или канали на социјалните медиуми, а со цел непосредна и двонасочна комуникација со граѓаните. Во Анализата и оваа година е наведено дека објавите, коментарите и одговорите на прашањата не е потребно директно да ги врши министерот, туку тоа може да го прават нивните онлајн тимови, по претходна добиена согласност во име на министерот/ката - вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, автор на истражувањето што го објави агенцијата МИА.

Меѓу заклучоците на анализата е дека со цел вклучување на сите целни групи и целокупната јавност во комуникациската стратегија на Владата, потребно е сите министри да имаат свои активни страни/канали на социјалните медиуми.

Сепак, доколку се погледнат сите активни профили и страници на министрите, забележливо е дека многу позастапени се промотивни објави (текстуални и мултимедијални) за нивните активности, а речиси и да немa нивно активно вклучување во дискусии на прашања поставени од граѓаните.

(AdToDate.mk/Извор: МИА)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме