Под тематската одредба „Објективност“ од денеска, 21 ноември, до недела во културниот центар Јавна соба, ќе се одржи осмото издание на мултимедијалниот настан Недела на дизајнот.
Земја во фокусот годинава е Германија, како велесила во областа на дизајнот. Целиот настан, пак, ќе биде поделен на шест целини со кои ќе се афирмираат културните и креативни индустрии во регионот.
Темата „Објективност“ е обид да се разбие заблудата дека еден производ треба да има само атрактивна форма за да може да се изложи и продаде.
„Кога се купува еден производ, се чини дека се бира врз основа на неговата естетика, а се занемарува важноста на функционалноста, материјалите и економските чинители. Оваа година, го избравме објективното над субјективното – создадовме платформа за да демонстрираме дека при бирање на еден производ одлуките треба да се засновани пред сѐ на логичка синтеза и дека токму тоа е суштината на дизајнот - функцијата“, велат организаторите.
Германија, годинешната земја во фокус, ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.
„Германија е моторот на Европа во поглед на индустриски развој, производство, извоз и земја број 1 во светот во организирање меѓународни саеми и поврзување на бизниси од целиот свет. Добриот и квалитетен дизајниран мебел може да има успех само ако производителот успее да го пласира на светските пазари, а она што е најтешко за најголемиот дел од македонските производители е долгорочниот пласман на светските пазари“, велат организаторите.
Во рамките на меѓународната изложба ЕКСПО ќе се претстават домашни производители, како и млади перспективни дизајнери од целиот регион кои се во потрага по производители. Ќе има и студентски изложби од две академии за дизајн.
За првпат годинава e организирана посета на фабрики за мебел со цел да се поттикне соработка со дизајнерите од други земји и компаниите.
Традиционално за Неделата на дизајнот ќе има и настапи на музички уметници од регионот, а ќе се организира и гастрономско шоу.
Повеќе детали за програмата на Неделата на дизајнот се достапни на официјалната интернет страница: www.ministryofpleasure.net.
(AdToDate.mk)