Повторно се актуелизира видеото со моделот Катарина Ивановска, а коешто беше дел од пролетната кампања во рамките на Европската недела на имунизацијата.
Видеото стана актуелно откако деновиве беше споделено на Фејсбук-страницата на министерот за здравство Венко Филипче. Споделувањето дојде во екот на прогласената епидемија од мали сипаници во Скопје.
„Јас сум вакцинирана. Го вакцинирав и моето дете“, вели Ивановска во кусото видео.
Воедно, таа вели и дека „некои работи никогаш не излегуваат во мода“, укажувајќи на растечкиот тренд да не се вакцинираат децата.
Видеото, иако е од април, повторно почна да се шири низ социјалните мрежи. Кампањата што тогаш беше дел од заедничка акција на Министерството за здравство и УНИЦЕФ, својата поента ја има токму деновиве.
Во Скопје веќе е прогласена епидемија на мали сипаници, а на родителите им е наложено да ги вакцинираат своите деца. Градинките ги затворија своите врати за децата што нема да бидат вакцинирани.
На крајот од постот на Фејсбук, министерот вели: Апелирам сите родители да ги вакцинираат своите деца, за да може да ја спречиме епидемијата од морбили (мали сипаници).
(AdToDate.mk)