Local

РЕКОРД СО МОБИЛНИТЕ: Гледачите на Супербоул направиле интернет-сообраќај од 24,05 терабајти

11 фев 2019

Рекорд во мобилниот интернет сообраќај направиле гледачите што присуствуваа на стадионот во Атланта каде на 3 февруари се одигра финалето во американски фудбал, т.н. Супербоул.

Според податоците на компанијата „Extreme Networks“, што го обезбеди wi-fi сигналот за Националната фудбалска лига, на финалниот натпревар бил направен мобилен интернет сообраќај од 24,05 терабајти.

Колку за споредба, тоа е доволно дигитален багаж за во него да бидат собрани двојно повеќе содржини отколку што има во Конгресната библиотека на САД, која се смета за една од најголемите во светот.

Доколку истата таа содржина некој реши да ја испечати на хартија, тогаш ќе треба да бидат исечени околу 202.500 дрвја.

Податоците покажуваат дека мобилниот сообраќај бил за педесет отсто поголем од ланското финале. Според објаснувањето на интернет провајдерот, овој скок се должи на брзиот раст на социјалните мрежи и нивната голема популарност кај корисниците.

Само на Инстаграм бил генериран сообраќај од еден терабајт и тоа најмногу преку споделување фотографии. Според „Extreme Networks“ тоа е првпат „Инстаграм“ да го надмине „Фејсбук“ откако во 2014 година почнало мерењето на мобилниот интернет сообраќај што го прават гледачите на големиот спортски настан.

Сепак, и покрај оваа куса победа, Фејсбук и натаму останува платформа број еден, кога станува збор за консумација на дигитални содржини на социјалните мрежи.

Во однос на 2014 година, пак, кога почнало ова мерење, мобилниот сообраќај за време на финалето пораснал за 650 проценти.

Освен Инстаграм и Фејсбук, корисниците што ја следеа играта во живо, се приклучувале и на Твиер, Снепчет и Битмоџи. Симултано користеле и Јутјуб, АјТјунс, ЕрПлеј, Спотифај и Нетфликс.

Речиси 49.000 фанови од публиката која броеше околу 75.000 луѓе, биле на своите мобилни телефони додека траела играта.

Прашањето што се поставува е: Дали играта навистина била толку досадна, што речиси две третини од гледачите времето на стадионот го поминале зјапајќи во мобилните телефони, отколку на теренот.

(AdToDate.mk)




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме