Festivals

СОБИР НА СВЕТСКИ МАРКЕТИНГ-КРЕАТИВЦИ: Душан Дракалски меѓу предавачите на фестивалот „Кактус“

12 окт 2017

 

Душан Дракалски, кој денес е еден од првите луѓе на големата австриска агенција „Демнер, Мерлицек и Бергман“ (Demner, Merlicek & Bergmann), ќе биде еден од предавачите на Фестивалот на интегрирани комуникации „Кактус“, што на 1 и 2 ноември ќе се одржи во Белград.

Дракалски ќе зборува на вториот ден од фестивалот, кога програмата ќе опфати „тинк-тенк“ работилници на различни теми за агенции, компании и студенти. Дракалски ќе ја води работилницата „Very good bad example“.

На фестивалот, кој годинава се одржува по третпат, ќе учествуваат познати светски креативци од агенции како „Дрога5“ од Њујорк, „Меккен“ од Милано, „4129 Греј“ од Истанбул, „Демнер, Мерлицек и Бергман“.

Под слоганот „Look SHARP. Think SHARP“, акцентот на фестивалот ќе биде на интеграцијата, но и на другите „остри“ идеи кои излегуваат од границите на очекуваното и очигледното.

Фестивалот на учесниците ќе им понуди разновидна програма од областа на интегрираните комуникации, како и преглед на светските трендови.

Програмата ќе ја отвори Пол Метс (Paul Meates), креативен директор на една од најнаградуваните американски агенции „Дрога5“. Тој ќе предава на тема „The Ripple Effects“.

Атрактивно предавање на тема „Attention marketing: How we can hack the consumer mind and get their attention“, ќе одржи Алемаш Озтурк, коосновач и главен креативен директор на агенцијата „4129 EMEA“.

Турскиот предавач е исклучително активен на социјалните мрежи. Има повеќе од 320.000 фанови на „Твитер“, каде ги споделува своите мислења за креативната култура.

На учесниците на фестивалот, во рамките на интерактивните креативни разговори ќе им се претстави и Еоин Шери, креативен директор на агенцијата „Меккен“ - Милано. Тој е меѓународно наградуван и мултидисциплинарен креативец.

Во рамките на вториот фестивалски ден ќе бидат доделени и награди за најдобрите во областа на маркетингот. На конкурсот се пријавени 124 кампањи во 22 категории. Ќе бидат наградени организации, компании, институции и агенции со најквалитетни, најпрофесионални и интегрирани кампањи во текот на изминатава година.

За пристигнатите трудови ќе одлучува 22-члено жири составено од професионалци од целиот регион. Од Македонија во жирито ќе бидат Илинка Црвенковска, креативна директорка во „Идеа плус“ и Жарко Димитриоски, основач и креативен директор на „Еден на еден“.

Дракалски, кој е прогласуван за исклучителен предавач и ги има освоено речиси сите награди од областа на креативниот маркетинг, исто така ќе биде во жири, но како претставник на австриската агенција за којашто работи.





Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме