Festivals

АГЕНДАТА Е ПОДГОТВЕНА: Тринаесет говорници ќе застанат на бината на годинешниот AllWeb

13 ное 2018

Блаже Аризанов, Македонецот што направи бум со својот стартап во Индија, Роџер Едвардс од Единбург, чии предавања ја креваат публиката на нозе, како и Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата „Мој воздух“ ќе бидат дел од тринаесетте говорници што во петок, 16 ноември, ќе застанат на бината на годинешното издание на конференцијата за дигитален маркетинг, AllWeb.

Конференцијата, којашто е единствена од ваков тип во Македонија, годинава се одржува по седми пат. Местото на настанот ќе биде Македонската филхармонија.

Покрај досега најавените, на листата говорници се најдоа и имињата на Алина Гратчер ко-основач на Акцелерејт Кореа, Неил Кокер од ramptshirts.com, Борислав Миљанович, основачот на Репрезент систем.

Годинава организаторите имале најдолга листа на можни говорници, кои изразиле желба да бидат дел од AllWeb.

„Внимателно ги избиравме и говорниците и содржината што ќе се презентира, со цел темите кои ни се во фокус да ги обработиме од различни аспекти“, вели Дарко Булдиоски, програмски директор на AllWeb.

Тој додава дека програмата на конференцијата е во насока на развој на дигиталниот аспект на креативните комуникации.

„Веруваме дека направивме одлична програма, на задоволство на сите, а најмногу на учесниците. Целта ни е да го поттикнуваме пазарот да се развива, па затоа содржината е насочена кон иднината и тоа што допрва нè очекува“, додава Булдиоски.

Конференцијата ќе ја отвори Роџер Едвардс, маркетинг стратег и домаќин на познатиот подкаст „Маркетинг и финансии“, а ќе заврши со презентацијата на Мет Десмиер, човекот кој внесува свежа перспектива во бизнисот.

Програмата е поделена во три дела, а ќе се состои од презентации и кратки разговори на сцена.

Организаторите сè уште не ги откриваат сите детали за Конференцијата и најавуваат изненадување за присутните.

Се очекува да присуствуваат околу 300 претставници на високите одлучувачки структури на компаниите, маркетинг и директори за односи со јавноста, претставници од агенции, компании, претприемачи.

Повеќе информации за Конференцијата и за влезниците, се достапни на официјалната интернет страница на AllWeb.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме