Creative

РЕКЛАМИРААТ ЗАВИСНОСТ ИЛИ ТЕЛЕФОН: Девојка ќе беше прегазена поради мобилниот (видео)

09 фев 2018

Еден од трите врвни производители на мобилни телефони во светот, гигантот „Хјуавеј“ објави видео за своите уреди и веднаш предизвика бурни реакции за содржината на рекламата.

Во видеото е прикажана девојка што е постојано загледана во својот мобилен уред и целосно е отсутна од тоа што се случува околу неа. Таа не ја следи наставата, не ги перцепира луѓето околу себе, а во еден миг преминува и улица без да сфати дека наидува автомобил.

Девојката во целиот спот делува како да е зависна од својот мобилен уред. Нејзината поврзаност со телефонот оди до таму што таа го користи и додека се тушира и го прекинува сонот за да биде на телефон.

На крајот од видеото сепак станува јасно дека таа е во постојана комуникација со своето момче, коешто работи на поларна истражувачка станица. Двајцата јасно кажуваат дека се зависни еден од друг, што е објаснување за гледачите дека сепак не се работи за зависност од мобилниот уред.

Сепак, корисниците на социјалните мрежи не покажаа воодушевеност од пораката од видеото. Заклучокот од повеќето од коментарите е дека рекламното видео на „Хјуавеј“ покажува колку е опасна зависноста од мобилните уреди.

Видеото е дел од кампања што компанијата „Хјуавеј“ ја спроведува под слоганот „#AddictedToYou“. Кампањата оди во повеќе земји одеднаш, а направена е во пресрет на Денот на вљубените, Св.Валентин.

Погледнете го видеото и оценете сами дали се работи за кампања што ја велича љубовта или, пак е видео што ја прикажува опасната страна од прекумерното користење на мобилните уреди.




Слична содржина

Оставете коментар

CAPTCHA code
Слична содржина
Напишавме