Creative

КОГА И ЗОШТО Е ПОТРЕБЕН РЕДИЗАЈН: Логоата на брендовите стареат, неопходно им е освежување

09 мај 2018

Железни плочки вградени во продуктите, жигови поставени со преса, цртежи, фотографии, и на крај дигитални дизајни што опстојуваат само во електронска форма се облиците во кои низ историјата се појавуваат логоата на брендовите.

Ако некогаш логоата биле големи, описни, со уметнички креации, со стихови и пароли, денес тие се едноставни, мали и лесно адаптибилни кон различни форми на прикажување, како печатени, така и електронски.

Денес, потребата за промена на логоата и за нивни редизајн или освежување е многу поголема од некогаш.

Причини за тоа има повеќе, но најбитно е дека во напливот од продукти на пазарот е неопходно на потрошувачите од време на време да им се привлече вниманието со свежи и иновативни дизајнерски решенија. Тоа што ќе се понуди треба да биде во согласност со потребите и вкусовите на новите генерации потрошувачи.

Според анализа на „Форбс“, постојат три концепти што треба да се следат кога станува збор за носење одлуки за редизајн на посточекото лого и визуелен изглед на еден продукт.

Пропорционална адаптибилност (Scalability)

Пропорционалната адаптибилност (Scalability) е можноста на логото да биде употребливо во различни димензии и на различни платформи. Ова е неопходно зашто логоата денес имаат многу повеќе улоги од порано. Тие треба лесно да се трансферираат од мала фотографија-аватар на социјални медиуми, до голем приказ на автобус или на билборд.

Како најсоодветен пример може да се земе логото на „Епл“, познатото јаболко. Тоа почна како комплексна (ренесансна) илустрација, за денес да се претвори во минималистички безбоен приказ.

Флексибилност

Флексибилноста е можност на едно лого да се двои на компоненти што ќе можат самостојно да ја раскажат приказната на продуктот, иако графичките прикази и зборовите (ако ги има) се поставени независно едни од други.

Таков пример е логото за патиките „Nike Air Force“. На страничниот дел од обувките стои стилизираната стрелка со заоблен крај, на јазикот од патиките стои само зборот „најк“, а кај петата, на задниот дел е испечатен зборот „air“. Секоја од компонентите е лесно препознатлива за потрошувачите.

Флексибилноста е од голема помош за дизајнерите, зашто на тој начин тие можат со едно лого да „играат“ во различни контексти, а во исто време и пропорционалната адаптибилност станува многу поприродна.

Динамичност

Под „динамичност“ на едно лого се подразбира можноста за негова делумна или целосна промена, без притоа да се изгуби неговата видливост и препознатливост кај потрошувачите.

Како успешен пример за лого со добра динамичност е „The City of Melbourne“. Градот ја задржал буквата „М“, но се искористени неограничените можности што ги дава внатрешниот дел од истата буква. Тоа што е прикажано во рамките на самата буква ја отсликува динамичноста и културната разноликост на градот.

Кога да се менува логото

Покрај името на брендот, логото на компанијата е тоа што раскажува приказна за неа и го одредува нејзиниот идентитет. Сепак, колку и да е добро, и колку основачот или менаџментот на една фирма да е приврзан кон логото, неопходно е тоа да се менува. Логото не може да остане вечно и да ја раскажува истата приказна.

Причини за промени има повеќе, а најбитна од нив е дека компаниите се развиваат, а со тоа и вредностите што ги презентираат. Во продолжение се наведени неколку ситуации во кои дизајнерите треба да се фатат за работа и да смислат нов дизајн за логото и за визуелниот идентитет на еден бренд.

Логото е остарено

Остарено лого лесно се забележува, дури и од страна на обичните потрошувачи што не ги знаат новите дизајнерски трендови. На пример италик фонтови, текст што расте или опаѓа градациски, или, пак, текст што се „распаѓа“ или креира низ балончиња, му даваат на логото изглед од минатата деценија.

Без оглед колку е иконично, логото во себе ги содржи дизајнерските стандарди на времето во кое е направено. Тоа значи дека ќе дојде миг кога тоа ќе изгледа целосно застарено

Без оглед колку е иконично, логото во себе ги содржи дизајнерските стандарди на времето во кое е направено. Тоа значи дека ќе дојде миг кога тоа ќе изгледа целосно застарено. Затоа треба добро да се погледне сопственото лого и да се увиди дали тоа веќе ги покажува знаците на стареење.

Премногу комплексно лого

Логоа што имаат многу детали или премногу градација, тешко се адаптираат кон дигиталните платформи. Компании што биле формирани многу пред дигиталното доба, најчесто се соочуваат со овој проблем. Нивните логоа изгледаат одлично во принт, но се губат кога треба да се искористат како профилна фотографија на некоја од социјалните платформи или како дигитална реклама.

 

Модерниот дизајн подразбира едноставност. Затоа „простите“ логоа изгледаат многу подобро на дигиталните платформи. Доколку гледате дека деталите од вашето лого тешко се воочуваат на интернет страницата, тогаш бидете сигурни дека е дојдено време да се размисли за редизајн.

Компанијата еволуира

Кога една компанија почнува со работа, создава лого што, веројатно, перфектно ја отсликува нејзината мисија и цел за која работи. Но, бизнисот се менува, компаниите се надградуваат, растат и внесуваат нови производи и нов идентитет на компанијата. Тоа само по себе создава потреба да се промени и логото.

Како пример е компанијата „Бритиш петролеум“ (BP). Компанијата во новото лого има ситилизиран сончоглед, со сенки од жолто и зелено, а со цел да асоцира на нивната еколошка ориентираност и програма за намалување на штетните гасови во околината.

Дојдено е време за редизајн, но не ја губете препознатливоста

Сепак, иако е дојдено време за редизајн, треба да се има на ум дека треба да се задржи идентитетот и препознатливоста на логото. Пример за тоа е логото на „Најк“, за коешто веќе зборевме. Заоблената стрелка (линија) е препознатлива веќе со децении.

Исто така и „Пепси“ е еден од тие примери. Дизајнерите имаат тешка задача да му дадат модерен изглед на логото, а во исто време тоа да ја задржи својата препознатливост кај потрошувачите.

Минимални надградби

Како што веќе беше спомнато, доаѓа момент кога јасно се гледа дека нечие лого е застарено и дека тоа треба да се надгради, обнови или целосно да се измени. Но, не секогаш треба да се чека целосно застарување на нечие лого. Препорачливо е да се прави и постојана надградба.

Пример за тоа е гигантот „Гугл“. Компанијата многу често го освежува логото со минимални измени и интервенции. На тој начин успева да го одржи во тренд, а притоа да не прави драстични измени во неговиот изглед. Резултатот од нивната работа е лого што постојано еволуира.

Редизајн на домашниот пазар

Во последната деценија, домашните компании, организации, институции, почнаа да водат повеќе сметка за сопствените логоа, како и за визуелниот идентитет на нивните продукти.

Интересно е што освен во приватниот, тоа се случува и во јавниот сектор. Така, кон крајот на минатата година Македонската филхармонија, после децении постоење, го смени своето лого. Така, од прикажан оркестар, ново лого стана петтолиние што во полукружна форма се издигнува и се спушта над натписот „Македонска филхармонија“.

Новото лого ја отсликува воедно и новата концертна сала во којашто од минатата година работи нашата најстара музичка институција.

- Идејата беше да се отсликува генерално концертната сала, којашто ќе биде лајтмотив за целата наша приказна, односно ќе биде објективен и репрезентативен приказ за сите - ни изјави тогаш Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија.

Редизајн направи и продукциската куќа „Авалон“ и тоа преку јавен конкурс. По повод 25 години постоење на продукцијата, беа повикани дизајнери да креираат лого што ќе го отслика нивниот јубилеј. Победи дизајн што содржи римски бројки и фотографии од публика.

Редизајн на пакување

Во приватниот сектор, пак, неодамна свој редизајн на пакувањето направи компанијата „Бимилк“, на јогуртот „Баланс+“. Се работи за континуирано освежување на дизајнот што се одвива од 2007 година. Низ продавниците во земјава веќе се застапени нивните производи со изменет дизајн.

Според објаснувањето од „Бимилк“, редизајнот е со цел да се биде во чекор со времето и да се нудат иновативни решенија за што поголемо доближување до потрошувачите.

Видео: Како еволуираше логото на „Епл“

(AdToDate.mk/Извори: Forbes.com / Businessinsider.com / Medium.com / Lucidpress.com)

Gallery: ПРЕД И ПОТОА: Како се менуваат логоата на брендовите




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме