Creative

НАЈАВА ЗА НОВАТА СЕЗОНА НА WALKING DEAD: Живи мртовци се шетаат низ Њујорк (видео)

09 окт 2018

Луѓе што личат на живи мртовци се појавија на Тајм Сквер во Њујорк, предизвикувајќи различни реакции кај минувачите. Некои се ужаснаа од крвавата глетка пред себе, а некои само одминуваа покрај зомбијата.

Луѓето со раскрварена облека и тела се соживеани во своите улоги и изгледаат како штотуку да излегле од тајна лабораторија каде се изведуваат забранети тестирања.

Во основа, целиот перформанс е дел од најавата за новата сезона на една од најгледаните серии во САД, „Walking Dead“. Деветтата сезона почна да се емитува во неделата, и, иако со послаби резултати од минатата година, повторно имаше милионска гледаност.

Појавата на зомбијата како дел од кампања за најава на нова сезона не е нешто ново за оваа серија. Минатата година повторно на Тајм Сквер се појавија зомбија, а се симнуваа и во метроата каде ги шокираа патниците.

Годинава зомбијата се шетаат низ градот во камиони. Возилата застануваат на прометни места низ Њујорк и ги ослободуваат своите „шетачи“ меѓу луѓето на тротоарите и улиците.

Дали ова ќе донесе поголема гледаност на шоуто, треба допрва да се види. Кампањата е бизарна, но може да се покаже како ефективна за привлекување нова млада публика за серијата.

(AdToDate.mk)




Слична содржина
Слична содржина
Напишавме